Пребарување
Filters
Close

Како да избереме парфем?

„Како да изберам кој парфем да го купам?“ Ова е централното прашање за многумина кои почнуваат да го разоткриваат прекрасниот свет на парфемите. Додека некои прашуваат за совет, повеќето всушност ги следат своите интереси, истражувајќи и учејќи. Најголемата пречка притоа е колебањето, недовербата во својот сопствен вкус и избор. Парфемот кај многумина е директно поврзан со нешто толку лично и интимно, што многу често не се ни осмелуваме да го споделиме со некого, со цел да се заштитиме себеси од чувството на повреда или срам.

Сме виделе многу стандардни „методи“ за намалување на можниот избор на парфеми преку определба на олфакторните (мирисни) фамилии и омилените ноти. Додека истото може да биде доста забавно и интересно, особено за почетници, тоа не нè води никаде. При немањето никаква вистинска помош при изборот на парфем, неизбежно е лавиринтското лутање низ интернетот, со цел да се најде магичната формула која ќе ни ја реши дилемата. Би започнале за почеток со ситуациите, не со мирисите, но претходно најпрво неколку зборови за комуникацијата.

Предлози дадени од други

Често се вели: „Не верувај на никој друг, освен на сопствениот нос!“  Тоа генерално е и точно, но сепак не значи дека не треба да го слушаме туѓото мислење. Некогаш најпријатните откритија ќе ги направите како резултат на нечија сугестија, некоја инспиративна информација од книга или магазин или пак заради советот од лице кое се смета за експерт на тоа поле. Во многу случаи, изборот на парфем се темели со цел да се импресионира некоја друга, нам драга личност, па следствено на тоа, зошто би го исклучувале нивното мислење? Не се ограничувајте исклучиво на сопственото искуство, особено ако сте на самиот почеток на Вашето ново „патување“.

Парфеми за облека и разни пригоди

Некои луѓе имаат многу практичен пристап кон парфемите. Избираат еден дневен, еден ноќен, еден за во канцеларија, па дури и за посебни „аутфити“. Тоа се објаснува со тоа дека луѓето се чувствуваат различно, во различни облеки, па така се јавува потребата и од различни парфеми. Наликува на еден вид игра, а го имате и перфектниот изговор за да поседувате многу различни парфеми, секој за точно определено време и пригода. Придружени од прекрасен мирис, се чувствувате поубаво и подготвено за работа или пак поопуштено за време на лабавите вечерни часови. Исто така се чини како еден вид предизвик, да ја разбиете монотонијата и да го привлечете вниманието на позитивен начин на Вашето работно место со мирис на, на пример тубероза.

Ова можеби Ви се чини како премногу екстремен начин олфакторно да се организирате себеси, но бидејќи и онака ги живееме нашите животи по различни ритами, сосема е нормално да му додадеме ароматичен акцент на некој од нив.

Парфеми за годишните времиња

Секогаш е убаво како глетка да се набљудуваат растенијата како растат. Исто како и растенијата и ние луѓето ги осеќаме климатските промени на времето. Затоа сезонските парфеми се одлични. Убаво е да ги уживате есенските прошетки обвиени со ноти на сиви и интелектуални кипарски ноти, а притоа да ја чувствуате меланхолијата на есента. Исто така нели е пријатно да носите нешто топло и цитрусно од месец Ноември, во пресрет и во духот на прекрасните зимски празници? За време на пролетта, откако ќе стивне новогодишната еуфорија, изборот на свежи и зелени ноти ќе го рефлектираат почетокот на расцветувањето на прекрасните природни пространства. Дури и контроверзниот избор на тешкиот и мистичен мирис на здравец и темјан како придружба, може да Ви го разубави летниот одмор, особено за време на топлите и ветровити ноќи, а истовремено да ги разбие сите негативни мисли (темјанот е многу погоден за таа намена) и самиот мирис да прерасне во едно прекрасно сеќавање на одморот.

Парфемот како декорација за специјални пригоди

Овој процес е навистина за уживање. Да речеме дека се подготвувате да одите на вашата омилена опера или балет, изгледате одлично во новиот вечерен фустан и имате потреба од нешто малку екстра, што би му додале на Вашиот „look“.

Неретка појава е да се мирисне нешто прекрасно и впечатливо во театарските простории, при што вистинските љубители на парфеми, не би уживале само во претставата. Парфемот дефинитивно придонесува до подобрување на целокупниот впечаток. Chanel N°5, Angel или пак Alien, знаат да остават прекрасни сеќавања и на убав начин да го заокружат целокупното вечерно доживување. Парфемот треба да биде впечатлив, исто како и накитот.

Несреќни избори на парфеми и несоодветни подароци

Иако ова на многумина од нас им се има случено,  исто така е можно да се роди интерес за навидум непосакуваниот парфем, и покрај тоа што првиот впечаток и не бил така пријатен. Комплиментите од страна знаат многу да допринесат кон тоа.

Една позната критичарка на парфеми раскажува: „Се сеќавам како не можев да го поднесам мирисот на Theorema од Fendi, кога за прв пат се најде во мојот дом, а беше купен по грешка. Сепак се решив да му дадам шанса, носејќи го одвреме навреме, најмногу од причина што имаше прекрасно издизајнирано шишенце, па претпоставив дека и самиот парфем би требало да биде квалитетен. Мирисот сепак ми се чинеше едноставен и премногу старински за мојата возраст. Започна зимата, а јас почнав да ги откривам неговите, за мене нови, скриени страни. Топлата и златно-кафена течност, која ги обвиваше мојот шал и капут, неочекувано знаеше да ме наврати во мислите на топлите златни плажи и егзотичните места, додека чекорев по студените и завеани улици.  Моите пријатели почнаа да ми даваат комплименти, изненадени од фактот дека мирисам „спротивно на самата себе“, како и дека овој парфем помагал кон нагласување на мојот карактер, благодарение на контрастот со него.“

Многу често афинитетите кон еден парфем се развиваат со текот на времето. Тој најпрво треба да „фрли сидро“ во нашите емоции и сништа, да се впие во некое парче прекрасен спомен од нашиот живот, за на крај да стане посебен и прекрасен. Пред да ги поврземе мирисите со некоја конкретна ситуација, секој парфем ни се чини дека не е ништо посебно, како и сите останати. Затоа рекламите и описите за самите парфеми знаат да бидат доста живописни, со цел да го поттикнат развивањето на сопствена приказна поврзана со парфемот кај секој од нас.

Снобизмот и парфемите

Снобизмот секогаш означува недостаток на слобода, или некој поголем проблем скриен во внатрешноста на личноста. Некогаш поистоветуван со тежнеење кон чудни и несекојдневни мириси, денес снобизмот подразбира масовно поедноставување на изборот на парфеми, кој се сведува на најкористените и најкомерцијални брендови, игнорирајќи притоа секакви нови трендови, статии или сугестии со нови идеи и производи. Додека за парфемистите или т.н. носеви би било можеби поразително и засрамувачки, да не ги познаваат парфемите кои важат за класика во индустријата, за обичните луѓе тоа воопшто не би требало да биде случај. Понекогаш дури е и подобро едноставно да го носите парфемот на себе и да уживате во неговите мирисни ноти, без притоа да му ја знаете неговата величествена историја или фактот дали бил меѓу најпродаваните парфеми во светот или не.

Популарноста на еден парфем, не Ви гарантира убавина. Понекогаш дури и најпознатите и често доста скапи парфеми знаат да бидат непријатно доживување за нашиот личен вкус и очекувања. Она што малкумина го знаат е дека и парфемите кои не се од познати брендови исто така многу често се креирани од познати „носеви“.

Се случува дури и некои од нас да се воздржуваат од нанесување на парфемите кои лично нам ни се допаѓаат, само затоа што истите не наидуваат на одобрување од страна на нашите блиски пријатели. Носете ги едноставно парфемите кои Вас лично Ве исполнуваат. Вашите пријатели и онака најверојатно нема ни да познаат за кој парфем се работи, бидејќи нанесен на кожа, парфемот мириса различно отколку од капачето или самото шишенце.

Парфемот е неговата приказна и нашите асоцијации кон него. Зошто да биде срамота, кога би посакале да се чувствуваме како девојката или дечкото на рекламата од најновиот Dior? Парфемот е приказна, слика, звук, допир....тој е прекрасна амбалажа и комплимент од друго лице. Понекогаш рекламите знаат да бидат толку многу инспирирачки, што само заради нив ни се допаѓаат и самите парфеми. А зошто да не? Легендарниот N°5 од Chanel стана толку многу популарен по Втората Светска Војна, кога можеа во Америка да се видат редици од војници пред бутиците на Chanel, не бидејќи сите тие толку многу го обожавале мирисот на алдехиди, туку бидејќи тој парфем важеше за симбол на слободата, гламурот и љубовта. Луѓето ја купуваа приказната која беше сокриена во секое шишенце на N°5. Истиот тој парфем доживеа нов бум на популарност кај светското население кога Мерилин Монро изјавила дека го носи парфемот во својот кревет.

Купување на парфем

Општ совет е, да отидете да купите нов парфем, само доколку сте добро расположени и здрави. Ова се должи на добро познатиот факт дека мирисот на парфемите, особено на новите дотогаш за нас непознати парфеми, потсвесно се поврзува со состојбата во која сме биле во која прв пат сме го искусиле. Но доколку сакате да најдете спокој во парфемите, тогаш не постои разлика во расположението или здравствената состојба. Мирисањето на различни парфеми може да Ви послужи и како еден вид терапија, дури и да не се решите да купите ништо на крај.

Немојте да ги критикувате парфемите, едноставно мирисајте ги. Тие се создадени од луѓе благодарение на свои сопствени интерпретации на убавината, исто како и уметничките слики. Парфемите денес речиси исклучиво се наменети да ги задоволуваат и воодушевуваат вкусовите на широката потрошувачка маса,  но ако за момент ги изолирате Вашите нагони, тој може да Ви открие нови хоризонти и да Ве изненади.

Еден друг критичар на парфеми вели: „Моите омилени парфеми ги купив против моите убедувања. На пример Gucci Eau de Parfum (2002) не беше ни приближнодо она што јас го имав како очекување од еден парфем. Тој беше остар, зачинет, без речиси никакви цветни и благи ноти, но се решив да го купам бидејќи беше толку многу различен од сè останато, при што си реков, добро би ми дошла ваква харизма во мојот живот.“.

Заклучок

Нема „лоши мириси“ на парфеми, особено по 5-6 години. Во природата на човекот е да ни останат во сеќавање добрите мириси, додека оние лошите ги прифаќаме сè повеќе и повеќе со текот на времето. Навистина знае да биде забавен процесот на поврзување на одредени парфеми со случувања во нашите животи, особено во периодите кога ќе се навраќаме на нив, мирисајќи ги повторно истите парфеми и уживајќи одново во истите сеќавања.

Оставете коментар
Горе