Учество на Bellina во првиот Social Day организиран од страна на “Младите можат”
19 Nov

Бидејќи веруваме дека младите можат да станат двигател на општествените промени и можат да го направат светот подобро место за живеење, со задоволство ја прифативме поканата за учество на нашата компанија во првиот Social Day организиран од страна на Здружението на граѓани “Младите можат”. Идејата на младите да заменат еден училишен ден, со еден работен ден во македонското стопанство, за дневница која ќе биде донација за младински проекти укажува дека младите се подготвени за промена на општеството во солидарна и одговорна општествена средина.

Како општествено одговорна компанија, учествуваме во многубројни акции, од кои голем број и добротворни. Огромна чест и задоволство ни беше да им ja овозможиме желбата на младите да станат активни, решителни, независни и одговорни во однос на работните активности, како и да им помогнеме во изборот и донесување на одлука за правецот во кои во иднина ќе се насочат и ќе се градат како личности.

Овојпат младите имаа можност во нашата компанија да бидат вклучени во процесот на промоција и продажба на нашите производи. Во следната иницијатива на организацијата “Младите можат” би сакале да отвориме многу повеќе работни позиции, како би биле дел и од останатите процеси од нашето работење.

На македонскиот пазар Bellina како бренд се појави во 2016-та година и за само 5 години успеавме да прераснеме во најголемиот увозник и дистрибутер за сертифицирана природна и органска козметика во Македонија и еден од најголемите во поширокиот балкански регион. Моментално во нашата палета може да се најдат над 2000 производи од 33 различни брендови, понуда којашто континуирано се зголемува и надградува. Нашата крајна цел, не е само да се подобри понудата на козметика на нашиот пазар, туку подеднакво важно и да се крене еколошката свест кај македонските потрошувачи и свеста за грижата за себеси. Сметаме дека токму младите се оние кои се со високо развиена свест и кои знаат кои се придобивките од користење на ваков тип на козметика.

Зошто е важно да одбереме сертифицирана природна и органска козметика?

Изборот на сертифициран природен или органски производ, значи и гаранција за квалитетот на состојките и процесот на производство на истиот. Сертифицираните производи исто така се „Cruelty Free“, што значи дека истите не се тестирани врз животни.

Секако за секој производ се следи филозофијата на компанијата, која нуди исклучиво природна и органска козметика, најчесто сертифицирана од најреномираните светски сертификатори како Ecocert, ICEA, Vegan Association, Cruelty Free International, Fair Trade и многу други.

Крајната цел на Bellina, не е само да се подобри понудата на козметика на нашиот пазар, туку подеднакво важно и да се крене еколошката свест кај македонските потрошувачи и свеста за грижата за себеси. Овој тренд, особено кај младите гледаме дека оди во нагорна линија, бидејќи свеста за користење на безбедни производи е високоразвиена. Како компанија, која е релативно кратко време присутна на пазарот, со тим од млади ентузијасти, кои постојано работи на едукација и транспарентност кон своите потрошувачи, очекуваме во блиска иднина овој моментален тренд на користење на безбедни производи да стане рутина на секој еден млад човек.


Најгоре