САЛИЦИЛНА ДА...САЛИЦИЛНА НЕ??? ПРАВИЛНА НЕГА НА ПРОБЛЕМАТИЧНА КОЖА
24 Nov

Статијата е превземена од Биодевојка.


Здраво драги мои,

летото е веќе зад нас, иако изминативе неколку денови на некој начин ни дозволуваат уште малку да уживаме во последните сончеви зраци. Со самото надоаѓање на есента и поладните денови, секако се менува негата на нашата кожа. Во оваа статија ќе се задржам на правилна нега на комбинирана до масна кожа и ќе ја разгледаме исто така правилната употреба на салицилната киселина. Велам правилна, затоа што во текот на летниот период гледав постови од девојки и момци, кои ја користеа салицилната киселина како да е света вода. Правеа многу агресивни комбинации со останатите видови на киселини (денес една, утре друга) или пак агресивни производи со големо кератолитичко (разредувачко) дејство врз кожата. Со оглед на тоа што многу ве сакам и никогаш до сега не сум ви предложила нешто само колку да предложам и да бидам ИН или во чекор со модата, сакам да ја разјаснам што значи правилна нега на комбинирана до масна и проблематична кожа и како правилно да ги употребуваме киселините (во случајов салицилната) која доколку се кориси правилно може да биде од голема помош.

Зошто за време на летниот период ви велев НЕ КОРИСТЕТЕ КИСЕЛИНИ и НЕ ПРАВЕТЕ ПРЕМНОГУ ПИЛИНГ НА КОЖАТА?

Во текот на летниот период нашата кожа функционира на следниов начин:

 - синтетизира повеќе кератин кој служи како прва заштита од UVB зраците и како резултат на зголеменото синтетизирање на кератинот на некој начин допринесува до појава на акни или ја влошува состојбата на веќе постоечките акни (во продолжение на текстот ќе дознаете зошто). И овде многумина би помислиле дека доволно е да се тргне тој вишок на кератин со некое средство со кератолитичко дејство (хемиски или механички пилинг), меѓутоа верувајте ми не е баш така едноставно. Преголемото отстранување на овој кератин најнапред ќе допринесе до алтерација на правилната пХ вредност на кожата, а потоа и до уште позголемено синтетизирање на кератинот.

- лачи повеќе себум кој на некој начин треба да ја спречи дехидратацијата на кожата (колку кожата е подехидрирана толку повеќе себум ќе лачи со цел да го одбрани прекумерниот губиток на вода). Зголеменото лачење на себум исто така е поврзано и со пХ вредноста на нашата кожа, односно алтерација на истата која најнапред настанува поради употребата на неправилни или премногу агресивни средства за измивање на кожата.

На површината на нашата кожа присутни се едни ензими кои имаат задача да го одделат кератинот од нашата кожа кога не е повеќе потребен. Овие ензими функционираат само доколку се исполнети два услови и тоа: правилна хидратација (процент на вода во кожата) и правилна пХ вредност. Кога настанува алтерација на една од овие два услови, ензимите не ја извршуваат добро оваа задача. Насобраниот кератин (кој ензимите не успеале да го одлепат од кожата) останува врз истата и ги запушува порите на лицето создавајќи еден вид на кератинска тапа врз истите и креираат безвоздушен амбиент (недостаток на кислород) кој е идеален за размножувањето на една бактерија која е и причина за појава на акните, односно бактеријата propioni bacterium која се храни со себум (мастите од самата кожа).

Повеќе за ова може да дознаете од следново видео.

Со правење на пилинг (хемиски или механички) и со измивање на кожата со агресивни производи не само што нема да го решиме проблемот со акните, туку и ќе го влошиме.

Откако летото измина, секако немаме потреба од толку многу кератин врз нашата кожа. Токму затоа овој период е идеален за правење на еден вид на нежен пилинг врз кожата кој на некој начин ќе ја потпомогне правилната регенерација на истата. Ова секако не значи дека треба да триеме сѐ додека не останеме без кожа, туку дека со усул треба да ја потпомогнеме нашата кожа во приспособувањето кон новонастанатите климатски услови. 

Како да ја спречиме појавата на акни и да се ослободме од нив на најбезболен можен начин?

Ова е навистина одлично прашање и потребно е убаво да ви објаснам чекор по чекор како да постапиме и да ја негуваме кожата во случај на акни. Како што претходно прочитавте , акните се појавуваат како резултат на неправилна хидратација на кожата (а со самото тоа и алтерација на пХ вредноста) која понатаму допринесува до лачење на повеќе себум (односно масти). 

Кога станува збор за нега на кожата. грешка бр. 1 е одбирање на премногу агресивно средство за измивање на кожата. Многу е важно да запомниме дека колку повеќе измиваме и обезмастуваме, толку повеќе кожата лачи себум за да се одбрани од таа наша агресија. Овој себум кој го лачи не е ист со тој природен себум кога кожата правилно функционира, туку е еден вид на СОС себум. Сѐ додека кожата се чувствува нападната верувајте дека ќе лачи сѐ повеќе и повеќе себум.

Лачењето на себум понатаму е поврзано и со неправилната хидратација на кожата. Апсолутно не е вистина дека доколку кожата е масна нема потреба од хидратантен производ затоа што истиот може да направи повеќе да се масти...Токму напротив, на кожата НАЈМНОГУ и е потребен одличен хидратантен производ кој на некој начин ќе ја поврати правилната хидратација на кожата, а со самото тоа истата ќе го нормализира лачењето на себум (масти). Затоа во случај на кожа со акни или бубуљици, мој совет ви да не трчате веднаш за да купите киселини, пилинзи и четки за миење на кожата (кожата е сеуште воспалена, чувствителна и заштитниот филм е оштетен), туку да одберете одличен хидратантен крем кој ќе го користите во комбинација со нежно средство за миење во рок од два месеци. Тој период од два месеци е потребен за нормализација на физиолошката заштита на кожата. Еден таков одличен крем кој ви го препорачувам од срце е кремот за нормализација и смирување на кожата на Др. Конопка.

Верувајте ми, на сите девојки на кои им го имам препорачано овој крем ми пишале дека имало резултати уште по првите две недели. Ајде да ја разгледаме декларацијата на овој производ. 

AQUA (WATER), COCO CAPRYLATE/ CAPRATE, GLYCERYL STEARATE SE, CETEARYL ALCOHOL, GLYCERIN, CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE, OCTYLDODECANOL, ACHILLEA MILLEFOLIUM FLOWER WATER . MELILOTUS ALBUS EXTRACT , SACCHARIDE ISOMERATE, SORBUS SIBIRICA EXTRACT, LAVANDULA ANGUSTIFOLIA (LAVENDER) OIL, MENTHA PIPERITA (PEPPERMINT) LEAF WATER, MENTHA PIPERITA (PEPPERMINT) OIL, CHAMOMILLA RECUTITA (MATRICARIA) FLOWER WATER, ANTHEMIS NOBILIS FLOWER EXTRACT, NUPHAR LUTEUM ROOT EXTRACT, ANGELICA ARCHANGELICA ROOT WATER, ALTHAEA OFFICINALIS ROOT EXTRACT, HAMAMELIS VIRGINIANA (WITCH HAZEL) WATER, ROSACANINA(ROSEHIP) FRUIT, SODIUM CITRATE, CAPRYLYL/CAPRYL, WHEAT BRAN/STRAW GLYCOSIDES, WHEAT BRAN/STRAW GLYCOSIDES, POLYGLYCERYL-5-OLEATE, SODIUM COCOYL GLUTAMATE, GLYCERYL CAPRYLATE, TOCOPHEROL, XANTHAN GUM, SODIUM STEAROYL GLUTAMATE, BENZYL ALCOHOL, DEHYDROACETIC ACID, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, PERFUME (FRAGRANCE), CITRIC ACID, LIMONENE, LINALOOL, CITRAL, GERAIOL.

Перфектен баланс на масла, хидролати, екстракти, протеини и глукозиди...просто речено производ со неверојатна хидратантна моќ кој не масти, ја нормализира кожата и што е најважно го смирува црвенилото. Базата е неверојатно добро направена коко каприлат кое е многу лесно масло и дава еден вид на сензоријален ефект сличен на циклометиконот (кој е силикон и апсолутно треба да се избегнува). Ова масло го дава истиот лесен ефект, одличен како емолиент и секако на допир дава ефект на мазно (ова е доказ дека нема потреба да се користат силикони, доколку производителот е искусен и знае точно која состојка да ја стави за да го подобри перформаност на еден козметички производ). Исто така не е воопшто масно и дава еден вид на сув ефект (оил нон оил) и кожата многу лесно го апсорбира. Исто така во еден производ ја олеснува комплетната формула (ја прави попогодна за масна кожа).

Ова масло е искомбинирано со едно друго за нијанса потешко односно каприлик каприк кое на некој начин го надополнува дејството на првото. Овие две се во комбинација со масло од лаванда кое има смирувачки ефект врз кожата и секако октилдодаканол, кој е одличен како емолиент (омекнувач) на кожата. Октилдодеканолот обично се става во формули наменети за комбинирана до масна кожа (како во случајов), и може да кажам дека креира емулзии скоро oil free меѓутоа со огромно емолиентно и хидратантно дејство.

Содржи специјален микс на растителни екстракти, хидролати и етерични масла патентиран како бр. 54 со одлично смирувачко дејство како на пример: камилица, нане, хамамелис итн. Огромното хидратантно дејство се должи не само на одличната комбинација на омекнувачките масла со глицеринот, туку и употребата на глукозиди (шеќери) кои се одлични за зголемување на хидратантната моќ на еден производ. 

Еве ја структурата на овој производ

Што да кажам драги мои дефинитвно мојот омилен производ. Цената е повеќе од пристапна 380 мкд и истиот може да го нарачате онлајн на bellina.mk.

Откако правилно сме ја хидрирале кожата во рок од најмалку 2 месеци, дури тогаш може да преминеме на употреба на салицилната киселина (доколку сметате имате потреба од тоа).

Салицилната киселина своето дејство (во случај на акни) го должи не толку многу на кератолитичкото дејство (кое не е за потценување со огед на тоа што е доста агресивна како киселина) туку на своето огромно антибактериско дејство. 

Една од најважните работи кога станува збор за производ кој содржи салицилна киселина е најнапред количината на салицилна во самиот производ, потоа декларацијата на производот, односно како и со кои состојки е искомбинирана салицилната киселина и на крај (секако не помалку важно) е пХ вредноста на производот во кој сме ставиле салицилна киселина. Ајде сите овие работи да ги објасниме посебно.

Кога станува збор за количината на салицилната киселина во еден производ, идеална е употребата на најмногу 2%. Повеќе од ова може да биде поагресивно (иако ова многу зависи од типот на производ дали е серум, крем итн.) и секако пХ вредноста. Меѓутоа еве како стандард се зема 2% (иако во многу производи е помалку). 

Е сега друга важна работа е комбинацијата на салицилната со останатите состојки...тоа е она што може да направи да еден производ биде агресивен или помалку агресивен. Користење на салицилна (ова е особено кога станува збор за серуми) со алкохол, пропилен гликол итн. е убиство за кожата. Јас знам дека на фирмите им е полесно салицилната да ја растворат во алкохол или пропилен гликол и завршена работа, ама вистинска уметност е да се избалансираат неколку состојки кои ќе помогнат во подобро растворање на салицилната како на пример глицеринот со пентилен гликол кој во случајов е помош на ситемот за конзервирање на производот. 

Салицилната веќе сама по себе има големо кератолитичко дејство и прави силен пилинг (еве да речеме на скала од 1 до 5  на салицилната би и дала 5 како ефект на пилинг, додека манделинската на пример би ја ставила на 1). Замислете си уште ако се додаде пропилен гликол кој додатно ја разредува бариерата на кожата (убиство за заштитната бариера на кожата) или алкохол (алокохолот е во ред доколку станува збор за растворање на салицилната за подготовка на креми каде има маслена база). Токму затоа кога за одредени серуми и производи кажувам дека се агресивни и потоа увозниците на истите ме напаѓаат, не говорам на памет. Сепак имам искуство и сертификат за изработка на козметика и знам што говорам. 

Лично повеќе ми се допаѓаат креми кои содржат салицилна (како производ) со оглед на тоа што маслената фаза во кремот и те како е од помош кога станува збор за производ со кератолитичко дејство, меѓутоа еве може и серум доколку истиот е одлично искомбиниран и доколку го користите на правилен начин (за кој ќе говориме подоцна во текстот).

Како трето важно нешто е пХ вредноста...Зошто??? Затоа што салицилната има различно дејство на различна пХ вредност. Ова се должи на фактот што од пХ вредноста зависи соодносот на салицилна киселина со нејзината сол. Во производ со пХ вредност 3 процентот на салицилна киселина со нејзината сол е 50:50 одноно значи дека во еден производ со 2 % салицилна 1 гр. е салицилна киселина а 1 гр. нејзината сол. Како се зголемува пХ вредноста така се зголемува и процентот на сол, а се намалува процентот на салицилна киселина.


Од табелата најнапред може да заклучиме дека на пХ 3 соодносот помеѓу киселината и нејзината сол е 1, на пХ 4 соодносот е 10, на пХ 5 соодносот е 100...Колку пХ вредноста е пониска толку производот има поголемо кератолитичко дејство, колку е повисока обратно. Тоа може да се забележи и од следнава табела.

Токму затоа велам дека не сите производи кои содржат салицилна се квалитетни, имаат исто дејство и се добри за употреба. 

Доколку сакате да пробате производ на база на салицилна киселина, најдобар производ кај нас засега е серумот со салицилна на True Alchemy.

Овој производ содржи 2% салицилна киселина и ја има следнава декларација: 

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, MATRICARIA CHAMOMILLA FLORAL WATER, ALOE BARBADENSIS LEAF JUICE, GLYCERIN, SALICYLIC ACID, XANTHAN GUM, BETAINE, BETULA PUBESCENS EXTRACT (BIRCH), HUMULUS LUPULUS EXTRACT (HOPS), BENZOIC ACID.

Кога велам добра декларација мислам токму на овој серум. По водата има хидролат од камилица кој има смирувачко дејство врз кожата, потоа има сок од алое вера кој го зголемува смирувачкото дејство и во комбинација со глицеринот има и хидратантно дејство врз кожата, па дури потоа салицилна киселина. Она што е многу важно во еден серум кој содржи киселини е присуството на бетаин. Кога велам бетаин не мислам на сурфактантот бетаин, туку на бетаин анидрен кој има неверојатна хидратантна моќ врз кожата. Обично се става во производи кои содржат киселина бидејќи она што киселината го одзема од кожата, бетаинот го враќа. Има неверојатна хидратантна моќ. 

Значи од аспект на декларација производов го помина испитот, од аспект на процент на салицилна го помина испитот (одржи препорачани 2%), меѓутоа ајде да ја разгледаме пХ вредноста која ја измерив за вас и може да кажам дека е околу 3,5.

Не сум добра по математика воопшто, ама еве според мене соодносот на салицилна со нејзината сол би била некаде околу 15% : 85% (математичари слободно поправете ме). Токму затоа производов има големо антибактериско дејство, и доволно добро кератолитичко дејство. 

Најнапред да ви ја покажам структурата на овој производ

Според мене серумов од аспект на декларација е одлично формулиран, навистина одлично, меѓутоа не се користи секојдневно, токму поради пониската пХ вредност. Мој совет ви е да го користите еднаш неделно не повеќе, пожелно навечер и веднаш потоа нанесете хидратантен крем како оној на Др. Конопка. Сега сфаќате зошто реагирам кога гледам како луѓето користат киелина секојдневно двапати дневно, па комбинираат киселини како што ќе им текне, а најмногу се грижам кога ќе видам комбинација на киселина со агресивен производ кој не претставува козметички производ туку веќе фармацевстки производ или еден вид на лекарство за акни. Потоа кожата се лупи и ви велат, тоа е нормално од производите е вие само хидрирајте.

Драги мои, не треба да дозволиме кожата да се лупи...Верувајте ми нашата кожа е толку совршен орган што самата таа може да ги нормализира сите проблеми кои ги имаме, доколку ние ја помогнеме и поддржиме во тој процес на нормализација со правилна хидратација и вистинки производи.

Јас се надевам дека оваа статија ви беше од корист и ви се допадна. Вие како и секогаш оставете ваш коментар или доколку сметате дека е поучна споделете ја на вашите профили.

Ние се читаме наскоро ви подготвувам рецензии за многу интересни и корисни производи како за нас жените, така и за припадниците на посилниот пол.

Ве гушкам.

Вики

Најгоре