TRIO ZINC NOVEXPERT СПРЕЈ ЗА ПРОБЛЕМАТИЧНА КОЖА
16 Nov

Статијата е превземена од Биодевојка.


Здраво драги мои,

во изминатите години се зголеми побарувачката за производи кои ќе помогнат при регулирањето на вишокот на себум (односно масти) на кожата на лицето. Внимание велам регулираат а не отстранат од лицето, што е многу различно. Регулирање на себумот значи производ или состојка која ја помага правилната физиолошка функција на кожата и прави да таа самата на некој начин го регулира лачењето на вишокот на масти. Остранување на сабумот или обезмастување, се однесува на производ кој за цел има да го отстрани себумот (а со самото тоа прави алтерација) и на тој начин ја ослабува природната заштита на кожата. 

Имам посветено многу статии и видеа на оваа проблематика и во сите нив имам кажано една многу важна работа: СЕБУМОТ Е НАШ НАЈГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ!!! Ја штити кожата, го спречува предвременото стареење (со оглед на тоа што помага во задржување на правилната хидратација на самата кожа), и претставува важен дел од заштитниот хидролипиден филм на нашата кожа кој е наша прва заштита. Затоа во скоро сите статии инсистирам да не се користат агресивни производи кои комплетно го алтерираат лачењето на себумот. Ова секако не значи дека треба да шетаме надвор светејќи како лампиони, туку треба да внимаваме како и на кој начин ќе правиме регулирање на лачењето на вишокот масти од кожата на лицето. Потребно е да побараме спас во производ кој на природен начин ќе и помогне на кожата во регулирањето на вишокот на себум. Еден таков производ е спрејот за регулирање на себумот на лицето Trio Zinc Novexpert.


INCI: Aqua, Zinc Gluconate, Zinc PCA, Zinc Lactate, Nitrogen

Разгледувајќи го составот на овој производ некој од вас сигурно ќе се запраша што е толку посебно кај овој производ кој содржи само вода и цинк? Понекогаш наједноставните работи се и оние најфункционалните доколку се има јасна идеја како да се формулира еден производ и се има јасна идеја околу намената на истиот.

За да ја напишам оваа статија ми беа потребни две недели истражување околу состојките. Прочитав 8 различни истражувања на оваа тема кои ќе ви ги ставам подолу како references. Знаете дека сум многу сериозна кога пишувам статии и не сум од оној тип на блогери кои само ќе ви кажат дека производот е супер без да образложат зошто.

Во козметиката цинкот е познат по тоа што во комбинација со масните киселини формира соли кои не испаруваат, а исто така има антибактериско дејство. Единствена маана му е што многу тешко се раствора, така да многу често во козметиката се користат неговите соли кои се растворливи во вода и успешно се употребуваат во козметички цели. 

Во самиот производ може да забележите три различни форми на цинкова сол односно Zinc Gluconate (со глуконска киселина) Zinc PCA (карбоксилна киселина - pyrrolidone carboxylic acid) Zinc Lactate (со лактинска киселина). 

Сите овие форми горе долу имаат слично дејство врз кожата и на некој начин се надополнуваат, меѓутоа она што најмногу ме воодушеви од истражуваата кои ги направив е токму Zinc PCA.

Нешто што е многу важно да запомниме е фактот што според нормативата на ЕУ цинковите соли во козметички цели може да се користат до максимум 1% на цинк, така да во спрејов може да има 1% (од сите вкупно) или пак помалку (за жал не е означено од самиот производител, а од декларацијата тешко ми е да погодам бидејќи не знам колкав процент е користен).

Како делува овој производ врз кожата и зошто е толку делотворен. Дихидротестостерон или DHT (метаболички производ на тестостеронот), е производ на ензимот 5 алфа редуктаза (5 alfa reductase) кој ги стимулира лојните жлезди што повеќе да работат. Цинкот делува на тој начин што ги регулира и ја оневозможува оваа функција на ензимот  5 алфа редуктаза.  На тој начин упешно се регулира лачењето на вишокот на себум на кожата на лицето.

Во едно од истражувањата кои ги прочитав (кои не се однесуваат на овој производ туку на состојката Zinc PCA) наведена е следнава табела со резултати од користење на цинковите соли (раствор од 1%) во третманот за нормализација на вишокот на масти 

Стриктно за спрејот кој ви го препорачувам на сајтот на производителот стои дека има - 67% намалување на активноста на 5 алфа редуктаза што е повеќе од одлично (тестот е извршен од страна на независна лабораторија).


При каков тип на акни одговара овој спреј?

1. Propioni bacterium акни

Како што ви имам објаснето во едно видео овој тип на акни е предизвикан од два фактори односно неправилна хидратација и алтерирана пХ вредност. Кога ова се случува ензимите кои се природно присутни врз нашата кожа кои имаат за цел да го одлепат (одвојат) кератинот од кожата (кога веќе истиот не е потребен) не ја извршуваат правилно својата задача и се формираат еден вид на кератински тапи врз порите кои придонесуваат за амбиент без кислород идеален за развојот на бактеријата propioni bacterium која ужива во таков амбиент и се храни токму со себум.

Zinc PCA претставува главна компонента на NMF (Natural Moisturing Factor - Фактор за хидратација на кожата) и игра важна улога во задржувањето на правилната хидратација на кожата. 

2. Акни предизвикани од носење на маска

Како што има напоменато во една од претходните статии, под маската се креира еден влажен амбиент богат со јаглероден диоксид предизвикан како резултат на нашето дишење. Овој амбиент е идеален за размножување на бактерии кои не се оние истите бактерии одговорни за акне вулгарис, туку станува збор за едни поинакви бактерии како на пример страфилококи или пак маласеција фулфур (malassezia fulfur) која не е бактерија туку габичка која е одговорна за себороичниот дерматитис. Како што може да забележите видот на акните е различен и може да имаме бубуљички како оние со бел врв или пак многу мали акни во зоната околу устата (многу збиени една до друга) пропратени со црвенило Како и да е во сите овие случаеви нема кератинки тапи (иако се јавува алтерација на многу од факторите), меѓутоа знајте дека кератинот во случајов е многу тенок. 

Како што може да забележите овој производ одговара на разни видови на акни, токму поради фактот што нема кератолитичко дејство (како на пример киселините од типот на салицилна, гликолна итн), туку и помага на кожата да направи нормализација на вишокот на масти, задржувајќи ја правилната физиолошка функција и секако функционален заштитен филм.


Освен во случај на акни цинковите сали имаат и друга функција која овојпат се однесува на колагенот. На површината на нашата кожа има едни ензими кои во случај на проблеми со кожата прават деградација на колагенот, односно процес на колагеназа. Протеинот AP-1 е виновен за за процесот на колагеназа (ја произведува), особено под дејство на УВ зраците. Според истражувања и експерименти (in vitro) дојдено е до заклучок дека цинковите соли го намалуваат c-FOS (индикатор за производство на АР-1) до 70%. причина повеќе да се користи овој производ.

На сајтот на самиот производител ќе најдете дека спрејот може да се прска повеќепати дневно нешто со кое јас лично не се согласувам. Според мене, доволно е двапати дневно наутро и навечер на префектно чиста кожа (по миење на кожата и пред нанесување на кремот).  Во текот на денот под маската се потиме, се собираат нечистотии итн, така да според мене нема сврха да прскаме од производот на нечиста кожа, а верувајте ми сѐ што е претерано дава спротивен ефект. Двапати дневно е повеќе од доволно.

Се користи на тој начин што се испрскува на лицето од далечина од околу 30 см. со затворени очи. Може да го истапкате со прстите за комплетно да се впие (не го бришете со памукче да не ви отиде голем дел од производот).

Овој спреј може да го најдете во мркетите ДМ.

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист. Доколку имате потреба од еден ваков производ од срце ви препорачувам да го пробате овој спреј за лице. Ќе бидете повеќе од задоволни.

Поздрав и до следно читање

Вики

References

1 K., Imahori et al., Seikagakujiten (Biochemical Dictionary), Tokyo Kagaku Dozin, 3 (1987)

2 Y. Kagawa, Standard Tabels of Food Composition in Japan, 371 (2004)

3 Encyclopedia of Cosmetics (ed. Society of Cosmetic Chemists of Japan), 306 (2003)

4 D. Stamatiadis, Marie-Claire Bulteau-Portois and Irene Mowszowicz, British Journal of Dermatology, 119, 627-632 (1988)

5 Yasuro Sugimoto, Irma Lopez-Solache, Fernand Labrie and Van Luu-The, Journal of Investigative Dermatology, 104, 775-778 (1995)

6 Mitsui T, New Cosmetic Science, Elsevier, 467 (1997)

7 P. G. Crounse & S. Rothberg (1961)

8 H.W. Spier, G. Pasher, Hautarzt, 7(12), 1956



Најгоре